Убиството на новинарот Џамал Кашоги во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул укажува на фактот со каква леснотија и некзанивост можат да бидат убивани новинари. Последните години на сличен варварски начин беа убиени новинарите Мохамед ал Абси, Мирослава Брич Валдусеа, Хавиер Валдес, Јан Куцијак и Дафне Каруана Галиција.

Воочи одбележувањето на 2 ноември – Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства врз новинари (ИДЕИ), УНЕСКО наведува дека од 2006 до 2017 година убиени се 1.010 новинари и медиумски работници. Организацијата наведува дека „девет од десет случаи немаат правна разврска“.

– Борбата против неказнивоста е составен дел на слободата на говорот, слободата на печатот и пристапот до информации. Нападот врз новинар е еквивалентен на напад врз целото општество, изјави директорката на УНЕСКО, Одре Азуле.

Во периодот од 1 јануари до 31 октомври годинава Организацијата за образование, наука и култура на Обединети нации регистрирала 86 убиства на новинари. Дел од нив се убиени во воени зони, но поголемиот број односно според УНЕСКО, 90 проценти од убиените новинари истражувале и пишувале за корупција, криминал и политика. Исто така е забележано дека се зголемува бројот на новинарки кои се жртви на сексуално насилство и малтретирање на интернет.

Идејата за Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства врз новинари беше промовирана кон крајот на минатата година од францускиот новинар Лоран Ришар, кој прв пристигна во редакцијата на Шарли ебдо, неколку минути по нападот врз весникот во 2015 година, кога беа убиени 11 луѓе.

УНЕСКО го прогласи 2 ноември за Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства врз новинари во спомен на француските новинари Клод Верлон и Жислен Дупонт, кои беа убиени на 2 ноември 2013 година во Мали.

Организацијата за образование, наука и култура на ОН иницира и друга кампања „Вистината никогаш не умира“ (#TruthNeverDies) со цел да поттикне објавување на статии од или за убиените новинари.

Светлата на Ајфелова кула вечерва, на иницијатива на Репортери без граници, ќе бидат изгаснати неколку часа по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства врз новинари.