По веста во светот дека Армин Лашет е новиот кандидат на Демохристијанската партија за нов канцелар на Германија, сите очекуваа Ангела Меркел да се огласи по повод неговата кандидатура.

Како дел од денешното обраќање на Меркел за моментната состојба во врска со коронавирусот во земјата, многумина очекуваа коментар за кандидатурата за претстојните избори, но таа на медиумите им даде само кус коментар – дека не сака да се меша во прашањето кој ќе биде кандидат на ЦДУ/ЦСУ за иден канцелар.

– Сакав, сакам и ќе останам настрана – рече таа.

Една од причините зошто јавноста сакаше да го коментира изборот на кандидат на нејзината партија е неодамнешниот конфликт што го имаше со Лашет.

Тој се судри со Меркел за антиепидемиските ограничувања, а популарноста што ја уживаше како премиер на Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, беше компромитирана од хаотичното управување со пандемиската криза.

Многу конзервативци се нервозни за изборите во септември бидејќи Ангела Меркел ги предводеше во четири изборни победи. Таа не поддржа експлицитно ниеден од кандидатите, но навести дека ќе му ја даде својата поддршка на лидерот на ЦДУ.