Канцеларката Ангела Меркел изјави дека Германија е подготвена да продолжи со воведување санкции кон Русија, вклучително и поединци, но и дека е дипломатска должност да се одржуваат отворени каналите за комуникација со таа земја.

На прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон, Меркел рече дека Германија во моментов ја држи својата позиција во корист на гасоводот „Северен ток 2“, на кој се спротивставуваат САД и поголемиот дел од Европа.

– Во врска со настаните во Русија, веќе рековме дека го задржуваме правото да продолжиме со санкции, особено за поединци – рекла германската канцеларка, пренесува „Ројтерс“.

Во меѓувреме, Русија денеска протера тројца европски дипломати од Германија, Шведска и Полска поради учество во забранетите собири за поддршка на опозицискиот активист Алексеј Навални.

– За време на состанокот добивме вест за протерувањето. Верувам дека тоа е неоправдано – посочила Меркел.

И новиот претседател на владејачката германска христијанско-демократска унија (ЦДУ) и потенцијален иден канцелар, Армин Лашет, смета дека Германија не смее да се откаже од проектот гасовод „Северен ток 2“ поради затворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

– Во наредниот период, Германија излегува од снабдувањето со атомска енергија и енергија добиена од јаглен. И затоа и треба гас за преодниот период, што го немаме како ресурс – изјавил Лашет за „Ројтерс“.