Германската канцеларка, Ангела Меркел, пристигна на првиот вонреден состанок на претставниците на ЕУ во Eвропскиот совет од почетокот на пандемијата на ковид-19. На снимките од нејзиното пристигање, Меркел изгледаше изгубено додека одеше кон просторијата за состаноци.

Одејќи по црвениот тепих во зградата на Советот на ЕУ, канцеларката наеднаш застана и збунето погледна пред влезот на салата. По неколку секунди размислување, таа продолжи да оди во истата насока.

Видеото предизвика лавина од реакции и духовити коментари на социјалните мрежи.

Лидерите на Европската унија се собраа во Брисел во обид да постигнат договор за заеднички буџет за следните седум години и фонд за опоравување поради новонастаната ситуација предизвикана од пандемијата со коронавирусот.