Германската канцеларка Ангела Меркел денеска беше поздравена со деветминутни овации на почетокот на Конференцијата на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во Хамбург, на која треба да биде избран нејзин наследник на функцијата партиски лидер.

Како што јави ДПА, делегатите на Конференцијата кренаа банери со натпис „Благодариме шефе“ („Danke Chefin“), додека Меркел го држеше својот последен говор во својство на партиски лидер на еден собир на ЦДУ.

– Имаме уште многу да сработиме – им порача Меркел на своите сопартијци.

Меркел беше избрана за лидер на ЦДУ во 2000 година, по што во 2005 стана и германски канцелар. Во октомври годинава таа најави дека на декемвриската Конференција на ЦДУ нема да се кандидира за уште еден мандат на функцијата партиски лидер, но дека планира да остане на местото канцелар до 2021 година.

Во трката за нов претседател на ЦДУ учествуваат 12 кандидати, но главната борба се очекува да се води меѓу тројца од нив – актуелната генерална секретарка на партијата Анегрет Крамп Каренбауер, поранешниот координатор на пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот, Фридирх Мерц и министерот за здравство Јенс Шпан.