Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека вечерашниот избор на кандидати за водечките позиции во Европската унија ќе биде тежок и оти е потребно повеќе време.

– Ќе се обидеме да бидеме конструктивни, но неопходно е да избегнеме конфликт помеѓу Европскиот совет и Парламентот – порача Меркел.

Меркел пристигнувајќи на вечерашниот вонреден самит на ЕУ во Брисел, изјави дека целта е Европскиот совет да дојде до предлог кој ќе го достави до Европскиот парламент, а ќе се однесува на изборот на новиот претседател на Европската комисија и останатите водечки позиции во рамки на институциите на ЕУ.

– Како што стојат работите, тое нема да биде лесно. Парламентот, односно двете најголеми фракции, инсистираат на принципот на водечки кандидат. Истовремено, најголемата фракција, Европската народна партија нема доволно мнозинство – оцени Меркел и додаде дека Доналд Туск вечерва ќе има тешка работа.

Таа претходно изјави дека владејачката коалиција во Германија, на чиешто чело е таа, го поддржува кандидатот на Европската народна партија, Манфред Вебер, како кандидат на политичка група која освоила најголем број гласови на претходните европски избори.

На таквиот принцип на водечки кандидат, што го поддржува и Европскиот парламент, се спротивставуваат земјите членки, пред се Франција, кои инсистираат, според одредбите од Договорот за ЕУ, да имаат главна улога во изборот на водечките луѓе во институциите на ЕУ.

Одлуката што ќе ја донесе Европскиот совет ќе мора да помине на гласање во Европскиот парламент.