Германската канцеларка, Ангела Меркел, го отфрли мислењето на францускиот претседател, Емануел Макрон, дека НАТО е во состојба на мозочна смрт и посочи дека такви коментари не се потребни.

На средбата со генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, Меркел истакна дека Макрон користи драстични зборови дополнувајќи дека тоа не е и нејзино мислење за соработката во НАТО.

– Не мислам дека вакви оценки се неопходни, па дури и ако имаме проблеми, треба да сме сплотени – потенцира германската канцеларка.

Од своја страна, Столтенберг потенцира дека алијансата е силна укажувајќи дека САД и Европа соработуваат повеќе отколку во изминатите децении.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, во интервју за списанието „Економист“ тврди дека НАТО се наоѓа во состојба на мозочна смрт, а Европа е на работ на амбис. Тој ги предупредува европските земји членки дека веќе не може да се потпираат на САД, односно дека од САД веќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на алијансата.