Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави денеска во Њујорк дека би било добро да има разговор меѓу САД и Иран.

Сепак, откако зборуваше со претседателите на двете држави, таа рече дека е нереално да се очекува Вашингтон претходно да ги укине санкциите кон Иран, како што бара Техеран.

– Јас би ги поздравила разговорите САД-Иран, но нема да се случи првин да бидат укинати санкциите, а потоа да се дискутира. Мислам дека тоа е нереално – рече Меркел на маргините на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, објави Ројтерс.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани, претходно кажа дека е отворен да разговара за мали измени, дополнувања или амандмани во нуклеарниот договор од 2015 година ако САД ги укинат санкциите.