Германската канцеларка исто така порача дека нема да бара реизбор на лидерската позиција во партијата на конгресот што ќе се одржи во декември. Изјавите на шефицата на германската влада следуваат по состанокот на лидерството на ЦДУ, на кој се дискутираа двете фијаска на регионалните избори изминатите недели

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нема повторно да се кандидира за функцијата по завршувањето на мандатот во 2021 година. Меркел исто така порача дека нема да бара реизбор на лидерската позиција во партијата на конгресот што ќе се одржи во декември. Изјавите на шефицата на германската влада следуваат по состанокот на лидерството на ЦДУ, на кој се дискутираа двете фијаска на регионалните избори изминатите недели.
На конференцијата во седиштето на ЦДУ во Берлин, Меркел истакна дека најверојатно нема ниту да се кандидира за пратеник во наредниот состав на Бундестагот.

– Време е да свртиме нова страница – додаде Меркел, која на канцеларската функција е од 2005 година, додека пак 18 години е на чело на ЦДУ.

Демохристијаните на Меркел доживеаја вистински дебакл на регионалните избори во сојузната држава Хесен. Резултатите покажуваат дека ЦДУ загубила над десет отсто од поддршката, освојувајќи ја довербата на 27 проценти од гласачите. Станува збор за најлош изборен резултат на партијата во оваа сојузна држава по 1966 година. Ништо подобро не помина ниту Социјалдемократската партија (СПД), коалицискиот партнер на Меркел во Владата во Берлин, која освои 19,8 проценти од гласовите и го забележа најслабиот резултат во Хесен по 1946 година.

„Дојче веле“ оценува дека фијаското во Хесен само ја преполни чашата, но оти незадоволството од Меркел постои од порано.

– Коментирањето против Меркел во самата партија првпат се појави во текот на грчката должничка криза, кога авторитетот на тогашниот министер за финансии Волфганг Шојбле, сепак, беше доволен демохристијаните со мнозинство да ја поддржат програмата за помош на Грција, со наметнување мерки за штедење. Но дури бегалската криза на површина го исфрли отвореното незадоволство. Меркел е посочена како виновничка за јакнење на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), како некој што ја одвел ЦДУ премногу кон лево, оставајќи многу конзервативни гласачи без политичко гнездо – наведува „Дојче веле“.

За наследник на Меркел се споменуваат повеќе имиња. Фаворит на Меркел е Анегрет Крамп-Каренбауер, генералната секретарка на ЦДУ, која вчера ја најави својата кандидатура. Германските медиуми пренесуваат дека Фридрих Мерц, бившиот лидер на парламентарната група на ЦДУ и ЦСУ, исто така се вклучува во трката наследник на Меркел. Меѓу другите фаворити се министерот за здравство Јенс Спан и Армин Лашет, премиерот на сојузната држава Северна Рајна Вестфалија.