Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Турција следниот месец за да го повика претседателот Реџеп Таип Ердоган да го испочитува миграцискиот пакт со Европската унија, објави „Зидојчет цајтунг“, реагирајќи на стравувањата дека конфликтот во Сирија може да доведе до нов бегалски бран.

Ердоган во неделата предупреди дека Турција, која веќе примила околу 3,7 милиони сириски бегалци, нема да може да се справи со нов бран мигранти.

Според пактот за миграција од 2015 година, Турција ги прифати бегалците кои се селат во Европа во замена за финансиска поддршка.

Според Ројтерс, бројот на мигрантите неодамна повторно почнал да се зголемува со обидите на Дамаск и Москва да го заземат Идлиб, последната голема енклава што ја држат бунтовниците во Сирија, а во која живеат околу три милиони луѓе.

Ердоган во неделата рече дека над 80.000 бегалци се упатиле кон Турција.