Достапните докази за употреба на хемиско оружје во Дамаск предградие Дума се убедливи, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес – конференција со украинскиот претседател Петро Порошенко кој е во посета на Берлин.

Според неа, доказите се „многу, многу јасни“. Таа додаде дека тие можат да се проверат уште еднаш, но изрази увереност дека „тоа нема да смени“ мислењето на Германија.

– Ужасна е ситуацијата кога после толку многу меѓународни дискусии повторно и повторно се користи хемиско оружје, рече Меркел и нагласи дека за ова прашање треба да се зборува „со многу јасен јазик“.

САД и ЕУ во неделата ја обвинија сириската Влада дека извршила напад со хемиско оружје во Дума, град во источниот дел на областа Гута, кој е под контрола на бунтовниците. Руската војска демантира дека воопшто дошло до напад. Сириските власти, исто така, ги отфрлаат тврдењата дека извршиле било каков хемиски напад.