Прагматизмот на канцеларката Ангела Меркел може да помогне во обновувањето на преговорите додека Берлин го презема ротирачкото претседателство на ЕУ, како што сметаат политичарите од двете страни

Поборниците за брегзит во Велика Британија одамна тврдеа дека Германците ќе им овозможат трговски договор само нема да биде како што многумина во Лондон замислуваа. Преговорите треба да добијат разврска наесен бидејќи мал напредок се постигна откако Обединетото Кралство формално ја напушти Европската Унија (ЕУ) во јануари. Откако минатата недела Кралството формално го одби продолжувањето на транзицискиот период на лидерската конференција со ЕУ, која во понеделникот заврши само со ветувања за интензивирање на преговорите, двете страни се подготвуваат за познатата брегзитерска драма кон крајот на годината.

Од двете страни велат дека е добро што Германија го презема шестмесечното ротирачко претседателство на Советот на ЕУ од 1 јули. Германскиот амбасадор во ЕУ, Михаел Клаус, неодамна на една панел-дискусија на Европскиот политички центар изјави дека очекува брегзит „да привлече огромно, ако не и целото политичко внимание“ на германското претседателство во септември и во октомври.
Во Лондон, надежите за германска интервенција не се базирани само на репутацијата на канцеларката Ангела Меркел за прагматично склучување договори, туку и на верувањето дека Берлин сака да избегне сценарио без договор што ќе ја погоди неговата извозно ориентирана индустрија, пишува „Политико“.

– Таа ја препознава реалноста на излезот на Велика Британија од ЕУ и ја сфаќа заедничката важност на трговијата меѓу двете земји. Очекувам германското претседателство да го одрази прагматизмот на Меркел. За среќа, ова се случи во последните фази од преговорите во иднината на односите – изјави конзервативниот пратеник во британскиот парламент Дејвид Џонс, кој наедно е поранешен помлад министер за брегзит и беше заменик-шеф на Европската истражувачка група во таборот за брегзит.
Ваквиот став до одредена мера е присутен и во Берлин.
– Ако премиерот Борис Џонсон има доверба во странски шеф на влада, тогаш тоа е Меркел. Таа отсекогаш го почитувала ставот на британскиот народ, дури и ако смета дека е погрешен – порача Јирген Харт, портпаролот за надворешна политика на партиската коалиција ЦДУ/ЦСУ на Меркел во германскиот парламент.

Иако Германија посакува договор до крајот на година, сите претходни обиди на брегзитерците да ја прикажат Германија како Ахилова петица на ЕУ беа отфрлени од страна на политичарите и лобистите од индустријата во државата.
Од клучно значење е што и германскиот автомобилски сектор и другите извозно ориентирани бизниси тврдеа дека иако сценариото без договор ќе им наштети, сепак влезот до единствениот пазар со предарежлив договор ќе биде уште поризичен. Ваквиот став сè уште е актуелен.
– Деловната сфера сака да го истакне приоритетот на европскиот единствен пазар. Треба да се отфрли сè што го нарушува него, кој веќе и онака е под притисок од корона-кризата – порача Волкер Трајер, шефот за надворешна трговија во Германската трговска комора.

Трајер исто така додаде дека германската влада неодамна контактирала со него, како и со други асоцијации за да добие гаранции дека индустријата ќе ја поддржи нејзината политика за брегзит. Наедно тој им упатил апел „да не склучуваат ризичен договор како во случајот со Швајцарија каде што постои договор со секој поединечен сектор“.
Германското автомобилско лоби во соопштение порача дека брегзит е закана по важните транснационални вредносни синџири, но нагласи дека сите напори за да се задржат на минимум сите трговски бариери се помалку важни од зачувување на единството меѓу 27-те членки на Унијата.