Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека договорот на Обединети нации за миграција е „ништо помалку од основа за нашата меѓународната соработка“.

Таа додаде дека е важно, што повеќе од 160 држави го одобрија првиот Глобален договор за миграција на конференцијата на ОН во Мароко.

Меркел се осврна и на денешното одбележување на 70-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, наведувајќи оти „човековите права се однесуваат на секое лице на нашата планета“.

Таа исто така укажа и на опасноста што ја претставуваат кријумчарите, на кои не може да им се дозволи да ги контролираат границите.

Германската канцеларка беше поздравена со овации откако го заврши говорот во кој наведе дека ОН се формирани на урнатините од Втората светска војна, алудирајќи на невероватните страдања на човештвото за време на нацистичкиот режим.