Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел го поздрави договорот постигнат за време на самитот на Г20 да се запре финансирањето за изградба на нови електрани на јаглен во странство. Таа истакна дека гасот ќе има клучна улога во овој процес на транзиција.

– Кина направи значаен чекор, на кој се приклучија и други земји. Преминот кон други извори на енергија ќе биде значително побрз. Од наша гледна точка, природниот гас мора да има значајна улога во овој процес – нагласи Меркел по средбата во Рим.

Според неа, овој процес ќе биде од големо значење за Африка, на која ќе и треба „разумно финансирање, вклучително и во областа на природниот гас“.

Генерално, Меркел ги пофали резултатите од самитот. Средбата, рече таа, се одржала во добронамерна и конструктивна атмосфера.

– Можам да кажам дека е постигнато многу. Самитот, според мене, заврши успешно – изјави Меркел.