Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека треба да се стори се за да се постигне трговски договор меѓу Европската Унија и Велика Британија.

– Секоја можност да се постигне договор е исклучително добредојдена – рече Меркел на прес-конференција во Берлин.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен и британскиот премиер Борис Џонсон вчера имаа разговори во Брисел, но не постигнаа договор. Тие порачаа дека сепак, преговорите продолжуваат понатаму.

– И покрај заморот по скоро една година разговори и покрај прекршувањето на сите рокови, заклучивме заедно дека во моментот единствената одговорност е да се продолжи – рече Лајен по состанокот со Џонсон.

Велика Британија се повлече од ЕУ на 1 јануари, но е неформална членка до 31 декември, кога официјално завршува преодниот рок за време на кој беше дел од единствениот пазар и царинската унија.