Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп е попопуларен од кога било, пишува Си-ен-ен во својата анализа. Во новата анкета на „Галуп“, 49 отсто од Американците го одобруваат тоа што Трамп го работи како претседател, додека 45 отсто не се согласуваат со тоа, што е најголемиот процент на поддршка што го добил во сите анкети на „Галуп“. Универзитетот „Монмут“ ги објави резултатите на својата анкета во понеделникот, според која 46 отсто од граѓаните го поддржуваат Трамп. Повторно, најдобриот резултат што го имал во анкетите со години.

Багдад – Две ракети вчера ја погодија зелената зона во Багдад, соопшти ирачката армија, како што пренесува Ројтерс. Најверојатно цел на нападот била Амбасадата на САД, која се наоѓа на стотина метри јужно од каде што паднале ракетите. Инаку, во зелената зона во Багдад се лоцирани голем број амбасади и владини згради. Ова е 26-ти ракетен напад врз зелената зона во Багдад од октомври минатата година досега. Засега сѐ уште никој не презеде одговорност за нападот.

Велингтон – Брентон Тарант, кој го изврши нападот во двете џамии во Крајстчрч на Нов Зеланд, ја призна вината по 51 обвинение за убиство, 40 обиди за убиство и едно обвинение за тероризам. Сослушувањето во Врховниот суд се одвиваше по пат на видеоврска, јави АП. Тарант е во притвор од 15 март 2019 година, кога беше уапсен и обвинет за пукање од полуавтоматско оружје, а злосторството го пренесуваше во живо преку Фејсбук. Судот не соопшти кога ќе биде донесена пресудата.

Анкара – Турција ќе ја надмине епидемијата со коронавирусот за две-три недели преку добри мерки, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган, во момент кога Анкара го продолжи затворањето на сите училишта до 30 април. Бројот на смртни случаи во Турција од коронавирусот се зголеми за седум, на 44, во вторникот, а бројот на потврдени случаи се зголеми за 343, на 1.872. Во телевизиското обраќање до нацијата, Ердоган рече дека Турција е подготвена за секакво сценарио и ги повика Турците да покажат трпеливост, разбирање и поддршка во процесот.