Анкара – Турција не ја разгледува можноста да ги повлече своите сили од Идлиб во северозападна Сирија, изјави турскиот министер за одбрана Хулуси Акар. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин на 5 март во Москва договорија прекин на огнот во Идлиб и низа други мерки за стабилизација на ситуацијата во сириската покраина.

Дамаск – Во воздушни напади на меѓународната коалиција предводена од САД се убиени 26 припадници проирански сили во источна Сирија, во близината на ирачката граница. Бомбардирањето е извршено по ракетен напад врз воена база во Ирак, во кој беа убиени двајца американски и еден британски војник.

Вашингтон – Конгресот на САД усвои резолуција со која го ограничува американскиот претседател Доналд Трамп да почне воена операција против Иран. За резолуцијата гласале 227 члена на Претставничкиот дом, додека 186 члена биле против. Сенатот ја усвои резолуцијата на 13 февруари, а тогаш за неа гласаа и осум републикански сенатори.

Москва – Руските власти нагласија дека САД се последната држава на светот што има хемиско оружје и го повикаа Вашингтон да се ослободи од хемискиот арсенал пред предвидениот рок. Руските медиуми нагласуваат оти САД повеќе пати го одложуваа рокот за уништување на оружјето, прво до 2007 година, а сега до 2023 година. Тие посочуваат и дека Русија го уништила своето хемиско оружје пред 2017 година.

Пекинг – Епидемијата на коронавирусот го достигна својот врв, соопшти Националната здравствена комисија на Кина, од каде што вирусот се прошири во целиот свет. Кина и понатаму е земја со најмногу заболени (над 80.000) и жртви (над 3.000) во светот.