Москва – Американскиот претседател Доналд Трамп нема да дојде во Русија на 9 мај, на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна, соопшти Кремљ, додавајќи дека Вашингтон за тоа ја известил Москва. Руските власти посочуваат оти сѐ уште не е познато кој ќе ги претставува САД на парадата на 9 мај.

Угадугу – Најмалку 43 лица се убиени во напади врз две села во северниот дел на Буркина Фасо, соопшти тамошната влада. Во селата живеат сточари од етничката група Фулани, кои се напаѓани од локалните групи и од војската поради нивна наводна поврзаност со џихадистите. Неименуван жител изјавил оти нападите биле извршени откако џихадистите побарале засолниште во едно од селата.

Ерусалим – Бени Ганц, главниот ривал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, и поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман најавија соработка за формирање нова влада. Во Израел на 2 март беа одржани трети избори за една година. Ако успее соработката, Нетанјаху ќе биде сменет од премиерската функција во момент кога му се заканува судење за корупција.

Стокхолм – САД и Русија останаа главни извозници на оружје и во периодот од 2015 до 2019 година, иако обемот на продажба на оружје од Русија се намалил во однос на периодот од 2010 до 2014 година, покажува извештајот на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ). Во него се наведува дека обемот на трговија со оружје се зголемил за 5,5 отсто, во споредба со претходниот период од 2010 до 2014 година.

Сантијаго – Група ограбувачи од аеродром во чилеанската престолнина украле 14 милиони долари и еден милион евра. Полицијата соопшти оти трага по десетина лица, најверојатно професионалци, кои од аеродромот украле огромно количество пари, во еден од најголемите грабежи во историјата на земјата. При грабежот е повреден еден од чуварите.

Триполи – Командантот на побунетите сили во источна Либија, Халифа Хафтар, на претседателот на Франција, Емануел Макрон, му рекол оти ќе го почитува примирјето ако го стори тоа и армијата на меѓународно признаената влада во Триполи. Борбите во земјата се интензивираа наспроти мировната конференција одржана во јануари во Берлин. Во конфликтот учествуваат две спротивставени страни и многу надворешни играчи и платеници, кои главно се судираат околу распределбата на нафтените приходи.