Пекинг – Најмалку десет луѓе загинаа, а уште многу остануваат заробени под урнатините на хотелот во градот Куангжу во источна Кина, кој се урна викендов. Хотелот во провинцијата Фуџијан се користеше како карантин за лица што биле во контакт со заразени од коронавирусот. Кинеското министерство за управување со вонредни состојби соопшти дека спасувачите извлекле 38 преживеани од под урнатините, од вкупно 71 првично заробен.
Петмина од спасените се во сериозна состојба, соопштија властите.

Кабул – Непознати вооружени напаѓачи вчера во Кабул усмртија три лица со огнено оружје, соопшти авганистанската полиција. При инцидентот загинал и членот на покраинскиот совет на Логар, Насер Гајрат, како и негови двајца телохранители, пренесе Би-би-си. За нападот сѐ уште никој не презеде одговорност. За потсетување, изминатиот петок во сличен напад загинаа најмалку 32 цивили, а уште 180 беа повредени откако двајца вооружени мажи отворија оган на церемонијата со која се одбележуваше годишнината од убиството на шиитскиот лидер Абдулах Али во земјата.

Рим – Папата Франциск наредните два јавни благослови ќе ги упати преку видеолинк за да спречи собирање на верниците, како мерка за претпазливост против ширењето на коронавирусот, јави Ројтерс. Ватикан викендов соопшти дека папата својот традиционален неделен благослов периодов нема да го упатува од прозорецот на плоштадот „Свети Петар“, како што е обичај, туку обраќањето ќе биде пренесувано од библиотеката во апостолската палата.

Отава – Меѓународното здружени за воздушен сообраќај (ИАТА) сместено во Канада објави нова процена на загубите на годишно ниво во воздушната индустрија поради епидемијата на новиот коронавирус. Според процената на ИАТА, објавена пред 14 дена, глобалните загуби во воздушната индустрија изнесувале околу 30 милијарди долари, додека, според најновата процена, загубата во наредниот период би била од 63 до 114 милијарди долари, соопшти Ројтерс. Најмногу е погоден азиско-пацифичкиот регион (Кина, Австралија, Сингапур, Јапонија и Јужна Кореја), во кој загубите за оваа година би можеле да достигнат до 58 милијарди долари.