Хаг – Судиите на Меѓународниот кривичен суд одобрија почнување истрага за можни воени злосторства во Авганистан извршени од силите на САД, Авганистан и на талибанците. Одлуката се очекува да го разгневи Вашингтон, кој лани се закани дека САД може да им издаваат визи на членовите на судот што сакаат да ги истражуваат американските сили за воени злосторства.

Буенос Аирес – Досиеја најдени во Аргентина ги откриваат имињата на 12.000 нацисти што живееле во земјата во 1930-тите, а многу од нив имале банкарски сметки во Швајцарија. Американскиот центар „Симон Визентал“, познат по лоцирањето нацисти, побара од „Кредит суис“ да ги идентификува старите банкарски сметки. Од центарот сметаат дека на овие сметки се наоѓаат пари ограбени од еврејските жртви. Инаку, досиејата биле најдени во складиште на бившо нацистичко седиште во Буенос Аирес.

Пјонгјанг – Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, во писмо до јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин, изразил надеж дека Јужна Кореја ќе ја надмине епидемијата на коронавирусот. Ким во писмото изразил загриженост за здравјето на Мун и изнел свои погледи за ситуацијата на Корејскиот Полуостров, посочија од кабинетот на јужнокорејскиот претседател.

Ерусалим – Израелските сили вчераутро урнаа куќи на двајца палестински напаѓачи, обвинети за бомбашки напад лани во Западниот Брег, во кој беше убиена една 17-годишна Израелка. Израел тврди дека уривањето на семејните куќи на екстремистите е мерка на заплашување, додека критичарите велат оти тоа претставува колективно казнување.

Лима – Бившиот генерален секретар на ОН, Хавиер Перез де Куељар, почина во својата стота година. Перуанскиот политичар ја извршуваше функцијата во ОН во два мандати, од 1982 до 1991 година, при што посредуваше во мировни договори во Латинска Америка, Африка, Азија и Блискиот Исток. Едно од неговите клучни достигнувања е посредништвото во преговорите за прекин на огнот меѓу Иран и Ирак во 1988 година, по осум години војна.