Њу Делхи – Индија ги обвини САД дека ги политизираат насилствата во Њу Делхи, во кои се убиени најмалку 30 луѓе, а повредени се повеќе од 200 други. Најголемите судири меѓу хиндуистите и муслиманите во изминатите години избија за време на неодамнешната посета на претседателот на САД, Доналд Трамп, на Индија. САД реагираа дека се вознемирени од насилствата и од фактот дека полицијата не интервенирала за време на нападите врз муслиманите. Индија веднаш ги отфрли наводите на САД.

Стразбур – Најмалку пет жртви настрадаа во пожар што изби во една зграда во Стразбур, во североисточниот дел на Франција. Пожарникарите посочија дека се повредени уште седум лица, како и дека пожарот е ставен под контрола.

Вашингтон – Воената предност на САД во светот е поткопана, додека Русија и Кина ги јакнат своите капацитети во оваа област, изјави генералот Марк Мили, претседател на здружениот комитет на началниците на штабовите на вооружените сили на САД, на сослушување во Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин нема намера на 5 март во Истанбул да се сретне со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за да разговараат за тензиите во сириската провинција Идлиб, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој, сепак, посочи дека двете држави продолжуваат да комуницираат на експертско ниво, особено за кризата во Сирија. Ердоган претходно изјави дека на 5 март ќе се сретне со Путин во Истанбул.

Виена – Бившиот лидер на ултрадесничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО), Хајнц Кристијан Штрахе, објави оти се враќа во политиката. Тој поради корупциска афера поднесе оставка од сите функции, меѓу кои и од позицијата вицеканцелар. Штрахе на собир на Сојуз за Австрија, кој е основан од бивши членови на ФПО, рече оти ќе се кандидира за лидер на новата партија.