Анкара – Најмалку седум луѓе загинаа, а поголем број се наоѓаат под урнатините од згради на југоистокот од Турција, по земјотресот со јачина од 5,7 степени по Рихетр, кој ги погоди областите покрај границата со Иран. Меѓу загинатите во Турција, три се деца. Повредени се петмина луѓе и урнати се 1.066 згради. Европскиот медитерански сеизмолошки центар соопшти дека потресот бил на длабочина од пет километри во турско-иранското погранично подрачје. Турската мрежа ТРТ Ворлд објави дека со потресот биле погодени десетици села во Турција, а има вести и за урнати згради во градот Ван.

Рим – Шефот на италијанската дипломатија Луиџи ди Мајо предупреди дека војната во Либија мора да запре, инаку Европа ќе се соочи со нова мигрантска криза. Според него, во Либија има 700.000 бегалци. Ди Мајо порача дека запирањето на војната е единствен начин за намалување на поддршката за тероризмот.

Амстердам – За шест месеци, откако во Холандија стапи во сила забраната за користење мобилни телефони за време на возење велосипед, казнети се над 20.000 возачи. Вкупниот број возачи на сите видови возила казнети поради користење мобилен е десетпати поголем, односно изнесува 200.000 лица. Од јули минатата година, кога употребата на телефон за време на возењето велосипед стана кривично дело, над 21.300 велосипедисти се казнети со парични казни. Вкупниот број на сите казни за сообраќајни прекршоци опадна во Холандија. Сепак, проблемот со брзото возење остана во Холандија – од 8,4 милиони парични казни за возачите минатата година, над 82 проценти биле поради пребрзо возење.

Штутгарт – Неидентификувани напаѓачи пукале кон прозорците на ориентален бар во Штутгарт, но, за среќа, во инцидентот нема жртви. Според истрагата, напаѓачите отвориле оган во време кога немало луѓе во зградата. Пред само неколку дена во градот Ханау, 43-годишен Германец уби девет лица со странско потекло, напаѓајќи ги баровите каде што се користи наргиле. Тој подоцна ја уби својата мајка и се самоуби. За него се смета дека дејствувал со расистички мотиви.