Лондон – Британија ќе им забрани влез на мигрантите што не зборуваат англиски и на неквалификуваните работници во странство, во согласност со планот за имиграција по брегзит претставен од Владата. Во планот се апелира до бизнисите веќе да не се потпираат на евтина работна сила и, наместо тоа, да инвестираат во автоматизација и задржување на персоналот. Владата претходно соопшти дека сака да го прифати австралискиот имиграциски систем базиран на поени според кој мигрантите би се рангирале по одредени критериуми – јазични вештини, квалификации и работно искуство, при што се фаворизираат висококвалификувани апликанти. Планот на Владата предизвика остра осуда од бизнис-лидерите, синдикатите и од опозицијата.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот гувернер на Илиноис Род Благоевиќ, кој беше во затвор поради изнуда, подмитување и корупција. Благоевиќ беше во затвор повеќе од осум години, откако беше осуден на казна од 14 години, бидејќи се обидел да продаде место во Сенатот што до изборите за претседател на САД му припаѓало на Барак Обама. Трамп во неколку наврати тврдеше дека тој е преостро казнет и веќе во август минатата година најави дека ќе го помилува бившиот гувернер.

Бризбејн – Поранешниот познат рагби-играч Роуан Бакстер, неговата сопруга и трите нивни деца загинале откако нивниот автомобил наводно бил запален во градот Бризбејн. Итните служби ги откриле телата на Бакстер и трите деца во запалениот автомобил, додека, пак, сопругата Хана (31) починала подоцна во болница поради големите изгореници. Таа наводно скокнала од автомобилот, извикувајќи „тој истури бензин врз мене“.

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека воената операција во Сирија е само прашање на време и дека сè уште не постои согласност за исполнување на барањата на Турција за време на разговорите со Русија. Властите во Анкара претходно соопштија дека земјата ќе распореди повеќе војници во сириската провинција Идлиб и оти ќе бара одмазда за нападот на владините сили.