Триполи – Либиската државна нафтена компанија (НОК) соопшти дека прекинот на извозот на нафта во оваа земја, поради затворањето на нафтените полиња и пристаништа, досега предизвика загуби поголеми од 1,3 милијарда долари. Племенските поглавари од источна Либија неодамна ги затворија пристаништата за извоз на нафта, обвинувајќи ја Владата што е поддржана од Обединетите нации дека приходите ги користи за поддршка на вооружените групи против војската од истокот, на генералот Калифа Хафтар.

Мадрид – Законот за право на евтаназија под строги услови ја помина првата пречка во шпанскиот парламент и покрај противењето на Католичката црква и десницата, што претставува голема победа за владејачките социјалисти, кои го ветија законот пред две години. Меритсел Батет изјави дека сега се разгледува планот за прифаќање на законот. За текстот на законот ќе се расправа сега и за него ќе се изјаснат пратениците, а потоа сенаторите, што ќе трае со месеци. Ова е третпат од 2018 година социјалистите да го поднесуваат овој предлог-закон.

Ватикан – Папата Франциск донесе пресуда против воведување женети мажи во регионот Амазон, како начин за решавање на недостигот од католички свештеници. Епископите ја поддржаа мерката минатата година, но решението требаше да се спроведе со одобрение од папата. Од католичките свештеници се бара да се придржуваат кон правилото на целибат при поклонувањето. Целибатот се смета како посветеност на нечиј живот кон бога.

Амстердам – Писма бомби експлодирале во пошта во Амстердам, како и во местото Керкаде, на југот на Холандија. Во инцидентите нема повредени лица, а властите се сомневаат дека станува збор за изнуда. Холандската полиција испитува серија случаи на писма бомби од 3 јануари, за кои претпоставуваат дека се испратени од исто лице. Претходно цел беа бензинските пумпи, хотелите, гаражите, канцелариите на агентите за недвижнини. Ниту една од овие пратки не експлодирала.