Вашингтон – Демократите Берни Сандерс и Пит Бутиџиџ побараа да се повтори пребројувањето на гласовите, по минатонеделното гласање на внатрепартиските избори во Ајова. Сандерс бара повторно пребројување на гласовите во 28 избирачки места, каде што неговите соработници веруваат дека сенаторот е оштетен за неколку делегати, а Бутиџиџ за 66 места. Бутиџиџ освои 26,2 отсто од гласовите, а Сандерс 26 проценти. Сенаторката Елизабет Ворен освои 18 отсто, додека поранешниот потпретседател Џо Бајден оствари разочарувачки резултати, односно само 15,8 проценти од гласовите на делегатите.

Техеран – Илјадници лица излегоа на улиците во Техеран и во другите градови во Иран, за да ја одбележат 41-годишнината од Исламската револуција. Одбележувањето на формирањето на Исламската Република Иран се случува во период на ескалирачки тензии на блискоисточната земја со САД. Двете земји беа на чекор до отворен воен конфликт минатиот месец, откако во американски напад со беспилотно летало беше убиен иранскиот генерал Касим Сулејмани

Багдад – Бројот на ранети американски војници во иранскиот напад на воена база во Ирак на почетокот на јануари порасна на 109, што е 45 повеќе отколку што првично беше објавено. Од 109 војници, кои добиле лесен потрес на мозокот, 76 отсто се вратиле во своите единици на должност. Ноќта на 7 јануари, Техеран истрела ракети на две воени бази во кои биле сместени 5.200 американски војници во Ирак, како одговор за ликвидацијата на иранскиот генерал Касим Сулејмани, кој беше убиен од американски дрон на 3 јануари.