Париз – Околу 64 отсто од Французите сметаат дека претседателот Емануел Макрон е „лош претседател“, покажуваат резултатите од анкетата на Одокс. Според анкетата, 32 проценти од испитаниците изјавиле дека Макрон е „многу лош претседател“, додека, пак, спротивното мислење го делат 36 отсто. Од оние што имаат лошо мислење за францускиот претседател, 62 проценти велат дека тој е „лош поради политиката што ја води“, додека 37 отсто велат дека е лош поради „ставот, тонот и комуникацијата“. Интересно е тоа што дури 69 проценти од Французите особено се незадоволни од комуникацијата на Макрон.

Кабул – Двајца американски војници се убиени и уште шестмина други ранети во оружен напад во авганистанската источна провинција Нангахар. Инцидентот се случил во областа Ширзад, кога маж во авганистанска униформа отворил оган од автоматска пушка кон пункт на здружените американско-авганистански воени сили. Засега не се знае дали за инцидентот се одговорни талибанците што пукале кон здружените американско-авганистански воени сили или, пак, станува збор за пресметка меѓу сојузничките сили.

Женева – Истражувачката станица на Антарктикот ја измери највисоката температура досега на тој континент, додека глобалното затоплување предизвикува зголемени стравувања од топење на мразот. Светската метеоролошка организација, со седиште во Женева, соопшти дека базата „Есперанца“ во северниот дел на Антарктикот измерила 18,3 степени – највисока температура во историјата. Од организацијата предупредуваат дека количеството мраз што годишно се губи на Антарктикот се зголемило за шест пати од 1979 до 2017 година.

Берлин – Лидерите на германската владејачка коалиција по кризниот состанок кај канцеларката Ангела Меркел побараа нови избори во Тирингија, каде што првпат беше избран премиер со помош на крајната десница Алтернатива за Германија (АФД). Изборот на Томас Кемерих за премиер на Тирингија со помош на гласовите од АФД предизвика бран разочарување, а тој по 24 часа од гласањето поднесе оставка. Крајно десничарската АФД е антиимигрантска партија и важи за засолниште на нацистичките симпатизери во Германија.