Жозеп Борел

Техеран – Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска ќе го посети Иран, каде што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи на земјата Мохамед Џавад Зариф. На посетата на Борел се гледа како на последен обид на ЕУ да го спаси нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и светските сили. Американскиот претседател Доналд Трамп во мај 2018 година се повлече од договорот и воведе санкции врз Иран. Престанатите потписнички: Британија, Франција, Германија, Кина и Русија се залагаат за зачувување на договорот.

Канбера – Температурите во Канбера повторно достигнаа рекордно ниво за февруари, додека шумските пожари му се закануваат на главниот град на Австралија во кој е прогласена состојба на готовност, соопшти денеска метеоролошката служба. Властите во Канбера во петокот првпат во австралиската престолнина од 2003 година прогласија состојба на готовност поради шумските пожари. Во текот на викендот живата во термометарот се искачи на 42,7 Целзиусови степени, што е рекорд за февруари и го надминува рекордот од 42,2 степени регистриран во 1968 година.

Техеран – Иран наскоро ќе лансира во орбитата нов научен сателит за набљудување „Зафар“. Производството на „Зафар“ почна пред три години со учество на 80 ирански научници, а сателитот тежи 113 килограми и може да ја обиколи Земјата 15 пати на ден. Мисијата на сателитот е да собира слики што научниците ќе ги користат за проучување земјотреси и спречување природни непогоди, како и за развој на земјоделството. Иранските власти соопштија дека земјата до март 2021 година треба да заврши со производство на уште пет сателити.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп ги укина ограничувањата наметнати на американската војска во 2014 година поврзани со употребата на противпешадиски мини, кои се смртоносни и за цивилното население. Трамп на тој начин ја поништи одлуката на неговиот претходник Барак Обама за делумно придржување на договорот за забрана на противпешадиски мини, ратификуван од 164 земји. Со него се забранува употребата, складирањето, производството и пренесувањето на противпешадиски мини, кои се вкопуваат во земја и експлодираат кога ќе се згазне на нив. САД не ја потпишаа таа конвенција, но од 1991 година тие ги користеле само во 2002 година во Авганистан.