Улм – Германската полиција отвори истрага против една медицинска сестра што е осомничена дека им давала морфиум на пет предвремено родени деца, со намера да ги убие. На 20 декември, во раните утрински часови, на пет новороденчиња во Медицинскиот центар на Универзитетот во Улм одеднаш им се појавиле животозагрозувачки проблеми со дишењето. Полицијата соопшти дека на бебињата веднаш им била укажана потребната лекарска помош и дека лекарите сметаат дека нема да имаат дополнителни здравствени проблеми.

Вашингтон – Минатата година една подморница удрила во светски познатата руина на „Титаник“, но американската влада ги чувала во тајност информациите за инцидентот. Американските власти не објавиле дека подморницата, вредна 35 милиони долари, била ангажирана од британска компанија. Водачот на експедицијата признал дека подморницата „Тритон“ удрила во остатоците од „Титаник“ во јули минатата година, кога пилотот ја загубил контролата врз подводното возило поради исклучително силна и многу непредвидлива струја. „Тритон“ тогаш се приближил кон руината на легендарниот брод за тим од авантуристи да сними нови фотографии од „Титаник“.

Стразбур – Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја осуди Франција за лошите услови во притворските простории. На ЕСЧП му се обратиле 32 затвореници, од кои 29 биле француски државјани сместени во казнено-поправните установи во Мартиник, Француска Полинезија, Гвадалупе, како и во притворските затвори во Ним, Ница и Фреснес. Во жалбата тие посочуваат на лошите услови во затворите, особено пренатрупаноста, состојбата на санитарните јазли и неефикасноста на превентивните мерки за правна заштита.

Вашингтон – Новиот дел од ѕидот што е поставен на границата меѓу САД и Мексико е урнат од силни ветрови, по што се навалил на дрвјата на мексиканската страна на границата. Sидот од метални плочи бил поставен на бетонски темели, кои сè уште не биле прицврстени, па вчера попуштил под налетот на ветрот. Три години по стапувањето на должноста, најголемото предизборно ветување на Трамп за изградба на ѕид кон Мексико за да ја спречи миграцијата се соочува со голем број правни и логистички пречки.