Техеран – Маскирани вооружени напаѓачи во заседа го убиле локалниот командант на паравоените безбедносни сили во југозападен Иран, инаку соработник на Касем Сулејмани, ирански генерал што неодамна беше убиен во напад на беспилотно летало во Багдад. Убиениот командант Абдолхосеин Моџадами ги водел силите на „Басиџ“, паравоено крило на Револуционерната гарда, задолжено за внатрешна безбедност и други задачи. Тој бил застрелан пред неговата куќа во провинцијата Кузастан.

Ријад – Саудиска Арабија ги отфрли како апсурдни пишувањата на британскиот весник „Гардијан“ дека го хакирала телефонот на сопственикот на „Амазон“ и на „Вашингтон пост“, Џеф Безос. Повикувајќи се на неименувани извори, „Гардијан“ објави дека Безос бил цел на хакери пет месеци пред убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, во 2018 година, во саудискиот конзулат во Истанбул. Според весникот, телефонот на Безос бил хакиран кога примил порака преку Вацап, која била испратена од личниот број на принцот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман.

Уагадугу – Најмалку 36 лица се убиени во терористички напад на пазар во Буркина Фасо, во провинцијата Санматенга. Вооружени милитанти влетале во понеделникот на селски пазар во Аламоу, каде што пукале во луѓе и го запалиле целиот пазар. Исламистичките групи поврзани со Ал каеда и Исламската држава изминатите месеци изведоа низа напади врз цивили и воени цели, вклучувајќи и минирање конвој во ноември минатата година, кога загинаа речиси 40 луѓе.

Триполи – Американската амбасада во Либија побара веднаш да се обноват нафтените операции во таа земја блокирани од саботата од страна на силите на генералот Калифа Хафтар. Според амбасадата, прекинот на операциите може да ја влоши хуманитарната ситуација во Либија и да му нанесе нови непотребни маки на либискиот народ. Силите лојални на генералот Хафтар во саботата ги блокираа главните нафтени терминали на истокот на Либија, непосредно пред меѓународниот самит во Берлин.