Пекинг – Кинеската национална комисија за здравство соопшти дека епидемијата на нов вид коронавирус може да се контролира. Начините за пренесување на новиот вирус сè уште не се целосно мапирани и изворот на вирусот не е познат, се вели во соопштението на комисијата. Светската здравствена организација предупреди за можно ширење на вирусот, како и за ограничен пренос од човек на човек. Досега во Кина се регистрирани два смртни случаи предизвикани од новиот вирус.

Њу Делхи – Индија ја тестираше својата балистичка ракета „к-4“ способна да носи нуклеарна боева глава, лансирајќи ја од подморница од својот југоисточен брег. Ракетата, со која треба да се опреми првата индиска нуклеарна подморница во Индија, „Арихант“, наводно прелетала 2.200 километри откако била лансирана од Бенгалскиот Залив. Софистицираното оружје, кое е наменето да ја засили моќта за нуклеарно одвраќање на Индија, веќе помина низ неколку теста, но сега првпат ракетата прелета толку големо растојание.

Пекинг – Кина, која е еден од најголемите корисници на пластика, најави голем план за намалување на пластиката за еднократна употреба во целата земја. Неразградливите торби ќе бидат забранети во поголемите градови до крајот на годината, а во сите градови до крајот на 2022 година. На рестораните исто така ќе им биде забранета употребата на сламки за еднократна употреба до крајот на 2020 година. Кина со години се бори со отпадот што го произведуваат 1,4 милијарда граѓани. Најголемата депонија за ѓубре во земјата, со големина од приближно сто фудбалски терени, е веќе преполна, и тоа 25 години пред планираниот рок.

Москва – Повеќе од сто училишта, градинки и 20 трговски центри во Москва вчера беа цел на проверка за експлозивни направи откако добиле анонимни закани за поставени бомби. За слични закани се проверуваат и сите московски метро-станици. Според руските медиуми, речиси 1,2 милион луѓе се евакуирани од крајот на ноември како резултат на лажни дојави за закани со бомби.