Париз – Триесет демонстранти се обиделе да влезат во театарот „Буфе ди норд“, каде што францускиот претседател Емануел Макрон следел претстава. Но тие биле спречени од полицијата, а Макрон бил евакуиран. Тој присуствувал на претставата „Ла Муш“ заедно со сопругата. Откако на Твитер беше најавено присуството на Макрон, пред театарот пристигнале демонстрантите, кои извикувале „Сите заедно, генерален штрајк“. Последниот настан сведочи за радикализација на демонстрантите против пензиската реформа.

Прага – Најмалку осум лица загинаа во пожар во Чешка, кој вчера избувнал во дом за лица со инвалидитет. Во инцидентот се повредени околу 30 лица, а некои од нив добиле сериозни повреди. Повеќе жители на домот вдишале големи количества чад. Пожарот избувнал во дом за лица со инвалидитет во гратчето Вејпрти, кој се наоѓа во северозападниот дел на Чешка, во близината на германската граница. Ова е втор најсмртоносен пожар во Чешка во последните неколку децении.

Сана – Над 30 лица се убиени во напад на бунтовниците Хути врз центар за обука во Јемен. Најголем дел убиени се припадници на јеменската војска. Веќе неколку години Јемен е зафатен од оружен судир меѓу владините сили, предводени од претседателот Абдрабух Мансур Хади и бунтовниците Хути. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, по барање на Хади, од 2015 година спроведува воздушни напади против бунтовниците, поддржани од Иран.

Каракас – Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека е подготвен за дијалог со Вашингтон. Лидерот на Венецуела исто така изрази подготвеност за директен дијалог со американскиот претседател Доналд Трамп. Во Венецуела лани почнаа протести против Мадуро, кратко време откако положи заклетва. Лидерот на опозицијата Хуан Гваидо се прогласи за привремен претседател врз основа на фактот дека во моментот на „државниот пресврт“ тој беше претседател на парламентот. Некои европски земји и САД го признаа Гваидо за претседател, додека, пак, Русија, Кина, Куба, Боливија, Турција и други земји го поддржаа Мадуро како единствен легитимен претседател на Венецуела.