Виена – Исламската верска заедница во Австрија поднесе жалба до Уставниот суд против забраната за носење шамии во училиштата. Од тековната учебна година е забрането носење религиозно обележана облека поврзана со прикривањето на главата во основните училишта низ Австрија. Новата австриска влада има намера да ја продолжи забраната за девојчиња под 14-годишна возраст. Законот предвидува казна, односно дирекцијата на училиштето мора да поднесе пријава кај надлежната општинска установа, која потоа може да изрече казна до 440 евра.

Берлин – Германската полиција спроведе претреси во повеќе покраини во земјата и уапси повеќе лица поради сомнежи за подготовки на тешки насилства. Најголем дел уапсени лица се Чеченци. Уапсените долго време биле следени од страна на надлежните служби, а засега е нејасно дали набавиле вооружување или експлозив. Чеченските исламистички мрежи веќе долго време важат за многу опасни, бидејќи нивните припадници биле во војна и се обучени за ракување со експлозив.

Вашингтон – Американската вселенска агенција НАСА предупреди дека чадот предизвикан од големите шумски пожари во Австралија наскоро ќе ја заобиколи земјата. Катастрофалните пожари во Австралија горат веќе неколку месеци, а густиот чад се издига над Пацификот. НАСА соопшти дека веќе во првиот ден од оваа година чадот поминал илјадници километри и ја прекрил Јужна Америка, додека до 8 јануари поминал половина од Земјината топка. Неколку австралиски градови веќе се прекриени со густ чад настанат од пожарите, меѓу кои се Канбера, Мелбурн и Сиднеј. Во овие градови квалитетот на воздухот е на најниско досега забележано ниво.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон побара од американскиот колега Доналд Трамп, САД да не ги повлекуваат своите војници од Африка. Макрон предупреди дека доколку САД се повлечат од Африка, тоа ќе биде лоша вест за регионот. Тој додаде дека би сакал да го убеди Трамп дека борбата против тероризмот се одвива и во тој регион. Американските воени претставници минатата недела порачаа дека САД може да го намалат присуството во Африка.