Братислава – Едно од четирите лица обвинети за ликвидацијата на словачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница го признало убиството пред судот. Обвинетиот Мирослав Марчек признал дека учествувал во убиството, додека другите двајца обвинети, меѓу кои и бизнисменот Марјан Коцнер, кој е обвинет дека е нарачател на ликвидацијата, го негирале злосторството. Четвртиот обвинет не се изјаснил на судењето.

Будимпешта – Унгарските власти соопштија дека вирус на птичји грип тип Х5Н8 бил откриен на голема фарма за мисирки во северозападниот дел на земјата. Националната агенција за безбедност на синџирите на храна наведе дека целиот фонд на мисирки од таа фарма, повеќе од 50.000 птици, ќе биде уништен и дека ќе бидат преземени други мерки на претпазливост за да се спречи ширењето на заразата.

Отава – Повеќе од милион канадски граѓани по грешка добиле предупредување за инцидент во нуклеарна централа во јужниот дел на Канада. Во предупредувањето, испратено на мобилен телефон, било наведено дека надлежните реагирале на инцидентот во нуклеарната централа „Пикеринг“, една од најголемите во светот. Речиси два часа подоцна на мобилните телефони на граѓаните им била испратена нова порака дека првичната со предупредување е грешка.

Багдад – Најмалку четири ирачки војници биле ранети во ракетен напад врз нивната база северно од Багдад, каде што до неодамна беа присутни американски инструктори. Нападот бил извршен врз воената база Балад, со најмалку шест ракети, и нема жртви. Инцидентот се случува само неколку дена откако Иран испука балистички проектили во две американски бази во Ирак во знак на одмазда поради убиството на висок ирански генерал со беспилотно летало.

Киев – Украинскиот премиер Олексеј Гончарук изјави дека Украина ќе им исплати по 8.500 долари на семејствата на жртвите во авионската несреќа во Техеран. Гончарук истакна дека украинската авиокомпанија ќе им исплати отштета на семејствата на членовите на екипажот што загинаа во несреќата на нејзиниот „боинг 737-800“.