Џозеф Мускат

Анкара – Осум деца се удавиле кога брод со мигранти потонал близу западниот брег на Турција, јавија турските медиуми. Во несреќата загинале вкупно 11 лица, а осум други биле спасени. Сѐ уште е непознато потеклото на мигрантите. Турција е клучна транзитна точка за мигрантите што се обидуваат да стигнат до Европа, главно преку Грција.

Валета – Владејачката Лабуристичка партија на Малта го избра Роберт Абела за нов лидер и премиер на државата, кој ќе го замени Џозеф Мускат, по неговата оставка
поради аферата со убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција. Новинарката, која истражуваше корупциски афери на Малта, беше убиена во експлозија на бомба-автомобил во 2017 година.
Мускат беше обвинет дека ги штити сојузниците вмешани во убиството и дека ја блокира истрагата. Бившиот премиер жестоко ги негираше сите обвинувања против него.

Пенсакола – САД ќе протераат од државата над десет саудиски војници обвинети за поврзаност со екстремистички групи и за поседување фотографии со педофилска и сексуална содржина по истрагата за оружениот напад на саудиски офицер лани во поморска база во Флорида, јавија американски медиуми. Мохамед Алшамрани, кој престојувал во САД како дел од програмата за обука на саудиските сили, во декември уби тројца морнари и рани уште осум други луѓе во база во Пенсакола, по што беше убиен од полицијата. Лицата што САД планираат да ги протераат не се поврзани со Алшамрани, но се поврзани со екстремистички движења, посочи Си-ен-ен.

Лондон – Британија во иднина мора да биде подготвена да војува без својот главен сојузник САД, оцени британскиот секретар за одбрана Бен Валас. Тој рече дека сѐ поголемото повлекување на САД од меѓународната раководна улога за време на мандатот на Доналд Трамп во Белата куќа значи дека Британија мора да ги разгледа одбранбените планови за наредниот период.