Вашингтон – Американската сајбер-команда развива тактика за информациска војна против високи руски функционери и бизнисмени во случај Москва да се обиде да се вмеша во претседателските избори во 2020 година во САД. „Вашингтон пост“ наведува дека целта на сајбер-командата би можеле да бидат претставници на руската елита. Во исто време, според весникот, не станува збор за претседателот Владимир Путин, зашто таквиот чекор би бил премногу провокативен.

Тел Авив – Израелската војска изврши серија одмазднички напади против терористички цели во Појасот Газа, откако ракета истрелана од палестинската енклава го принуди премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, да го прекине говорот од кампањата и да побара засолниште. Нападите доаѓаат како реакција на ракетниот напад кон јужниот град Ашкелон, каде што Нетанјаху имаше предизборен митинг. Израел потврди дека ракетниот одбранбен систем на земјата „Железна купола“ пресретнал ракета истрелана од Појасот Газа.

Пекинг – Судот во Кина осуди на казна затвор 12 лица за неовластено објавување книга за Комунистичката партија на Кина и за власта. Лицата се осудени поради кршење на законските правила за издавање и продавање на книгите. Еден од обвинетите признал дека од 2010 година на Интернет има симнато документи и списи од важни средби на Комунистичката партија и од нив напишал книга.

Киев – Украински обвинители почнаа истрага откако првиот руски патнички воз пристигна на Крим преку мостот што овој полуостров во Црно Море го поврзува со Русија. Украинскиот државен обвинител изјави дека патничкиот воз нелегално ја минал украинската граница на Кримскиот мост. Русија пред пет години го анектира Крим, стратегиски важната територија во Црно Море, што е споена со Украина со копно.