Москва – Руската војска вчера почна со големите сеопфатни тридневни вежби на стратегиските нуклеарни сили. Во маневрите учествуваат 12.000 војници, 213 ракетни лансери, 105 авиони, 15 воени брода и пет подморници. Министерството за одбрана соопшти дека во рамките на вежбите ќе бидат истрелани две интерконтинентални балистички ракети, како и повеќе крстосувачки проектили.

Мексико Сити – Најмалку 14 мексикански полицајци се убиени, а тројца се ранети во заседа во сојузната држава Мичоакан. Полицијата соопшти дека нападот го извршиле неколку вооружени цивили. Во оваа сојузна мексиканска држава изминатите месеци е забележан пораст на насилството, кое е поврзано со организираните криминални групи и моќните наркокартели.

Москва – Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека верува во можноста основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, да е измачуван во лондонскиот затвор. Лавров додаде дека треба и да се отфрлат сите обвиненија против бившиот разузнавач Едвард Сноуден. Асанж пред неколку месеци беше уапсен во еквадорската амбасада во Лондон, откако по седум години поминати таму му беше укинат азилот.

Париз – Францускиот суд осуди две жени, поврзани со џихадистички терористи, на 25 и 30 години затвор, за неуспешниот обид за напад со автомобил-бомба пред Богородичната црква во Париз, што се случи во септември 2016 година. Станува збор за Инес Мадани и Орнела Жилигман, кои биле поврзани со терористичката група Исламска држава.

Волфсбург – Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ ја одложи одлуката за изградба на фабрика во Турција поради турската офанзива против курдските бунтовнички групи во Сирија. Од компанијата, која планираше да отвори нова фабрика во близината на турскиот град Измир, соопштија дека внимателно се следи ситуацијата на теренот, која предизвика голема загриженост кај раководството на „Фолксваген“.