Стразбур – Европскиот парламент усвои резолуција во која се бара премиерот на Малта, Џозеф Мускат, да поднесе оставка поради опасноста да ја загрози истрагата за убиството на новинарката Дафне Галација. Европратениците се загрижени поради веродостојноста на истрагата за убиството на новинарката Галација и сметаат дека сѐ додека Мускат е на функција, постои ризик од загрозување на истрагата. Резолуцијата на ЕП упатува на обвиненија за корупција и перење пари против премиерот на Малта, како и против неговиот шеф на кабинет и поранешниот министер за туризам, другите членови на Владата, како и приватни фирми и поединци поврзани со него.

Рим – Италијанската полиција соопшти дека се уапсени 330 лица во голема операција против мафијашката организација Ндрангета. Некои од осомничените лица се уапсени во Швајцарија, Германија и во Бугарија. Ндрангета потекнува од Калабрија, во јужна Италија, а се верува дека е најмоќната мрежа за организиран криминал во светот и водечки шверцер на кокаин во Европа. Осомничените се соочуваат со обвиненија за мафијашко здружување, убиства, рекет, трговија со дрога, перење пари, корупција и измама. Како дел од операцијата, во која биле вклучени повеќе од 25.000 карабинери, на осомничените им е одземен имот во вредност од 15 милиони евра.

Барселона – Речиси 80 лица се повредени во голем пожар што избувнал во близината на „Саграда фамилија“ во Барселона. Меѓу повредените, девет лица добиле полесни повреди, четворица имаат потешки повреди, а едно лице се наоѓа во критична состојба. Огнената стихија зафатила една станбена зграда, а чадот се проширил низ соседните улици. Во гаснењето на пожарот учествувале 12 противпожарни возила.

Женева – Светската здравствена организација соопшти дека бројот на пушачи се намалува и првпат е констатирано дека е прекинат постојаниот пораст на консументи на цигари. Според СЗО, промената на глобално ниво покажува дека напорите на владите за намалување на пушењето имаат ефект, спасуваат животи и го штитат здравјето на луѓето. Секоја година пушењето е причина за смртност на повеќе од осум милиони луѓе во светот.