Лондон – Британската влада планира да додаде нова клаузула во Законот за брегзит, со што ќе биде отфрлена секоја можност за продолжување на транзицискиот период по крајот на 2020 година. Транзицискиот период, кој е предвидено да заврши во декември 2020 година, може да биде продолжен максимум за две години, доколку двете страни се согласат на тоа. Критичарите предупредуваат дека со новата клаузула се зголемуваат шансите Британија да ја напушти ЕУ без постигнат трговски договор.

Њујорк – Кина и Русија му предложија на Советот за безбедност на Обединетите нации укинување на некои санкции против Северна Кореја, но САД сметаат дека е премногу рано за таков потег. Русија тврди дека целта на предлогот е да ги поддржи и охрабри преговорите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг. Според резолуцијата, некои севернокорејски производи, како што се текстил или морска храна, ќе бидат ослободени од санкции. Забраната за работа на државјани на Северна Кореја исто така ќе биде укината.

Берлин – Најмалку 49 новинари и други медиумски работници се убиени во светот во текот на 2019 година, при што повеќето од половина настрадале во Сирија, Мексико, Авганистан, Пакистан и Сомалија. Според извештајот на организацијата „Репортери без граници“ повеќето новинари и медиумски работници се убиени во Сирија (10), Мексико (10), а потоа следуваат Авганистан (5), Пакистан (4) и Сомалија (3). Покрај тоа, во моментов има околу 400 новинари во затворите низ целиот свет, а речиси половина од нив се само во три земји – Кина, Египет и Саудиска Арабија.

Дамаск – Воените морнарици на Русија и на Сирија почнаа со заеднички вежби во Медитеранот, кои ќе вклучуваат различни тактички епизоди. Во маневрите учествуваат руски бродови и авиони од воздухопловната база Хмеим, како и носачи на ракети и други воени бродови на сириската морнарица. Руски воени извори соопштија дека целта на вежбата е да се зголеми интероперабилноста помеѓу вооружените сили на Русија и на Сирија и со тоа да се зголеми ефективноста во борбата против тероризмот.