Пекинг – Кина им нареди на јавните институции да ги отстранат сите странски уреди и софтвери во наредните три години. Потегот се очекува да им зададе удар на американските компании, како „Дел“ или „Мајкрософт“, и е реакција на обидите на Вашингтон да ја ограничи употребата на кинеската технологија, во момент кога трговската војна меѓу двете земји се заострува и полека се претвора во технолошка војна, посочува весникот „Гардијан“.

Париз – Лидерот на француската крајна левица Жан-Лук Меланшон е осуден условно на три месеци затвор и мора да плати 8.000 евра за заплашување на иследниците што водат истрага против него за финансиски малверзации. Обвинителството лани нареди претрес на домот и партискиот штаб Меланшон. Тој беше снимен како турка полицаец и извикува „јас сум републиката“, а потоа се обидува со колегите да влезе во партискиот штаб.

Анкара – Турција депортира 11 државјани на Франција и осомничени припадници на терористичката група Исламска држава. Во соопштението на турските власти се наведува дека „странските терористички борци“ се вратени во својата матична држава, но не се обелоденува нивниот идентитет.

Мадрид – Преговарачите на конференцијата на ОН за климатски промени се обвинети за политички игри додека од нив се бара итна акција. Аналитичарите велат дека преговорите се заглавени, бидејќи земјите се обидуваат да ги одложат своите ветувања. Околу половина милион луѓе учествуваа на маршот во Мадрид, а на средбата говореше и шведската активистка Грета Тунберг.

Ријад – Саудиска Арабија ја укина родовата сегрегација во рестораните и повеќе нема да бара од нив да обезбедат посебни влезови и каси за мажи и за жени. Саудиска Арабија претходно им дозволи на жените да патуваат во странство без дозвола од мажи и ја укина децениската забрана за жените да управуваат со возила. Сепак, организациите се жалат дека земјата и понатаму има многу дискриминаторски закони и дека постојано апси активисти за женски права.