Москва – Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот со кој паметните телефони, телевизорите и компјутерите, кои се продаваат во земјата, мора да имаат инсталирано руски апликации. Законот ќе стапи во сила од 1 јули 2019 година, а веќе предизвика незадоволство во јавноста. Руските власти го промовираа законот како средство со кое домашните фирми би можеле да бидат конкурентни на странските компании.

Вашингтон – Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека повеќе нема да им издава акредитации на новинарите од агенцијата „Блумберг њуз“, која е во сопственост на можниот демократски кандидат за изборите во 2020 година – Мајкл Блумберг. Со акредитација новинарите можат полесно да пристапат до предизборните собири и до други настани во рамките на изборната кампања. Од штабот на Трамп соопштија дека таквата одлука се должи на отворената пристрасност што ја покажале досега новинарите од „Блумберг“.

Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го отвори новиот град Самџијон што е сместен во близината на планината Паекту, која според легендата се смета за колепка на корејската нација. Пјонгјанг вложи големи финансиски средства во проектот за обнова на градот, кој сѐ уште не е завршен. Самџијон е главен град на округот на границата со Кина и, според севернокорејската пропаганда, е местото на раѓање на Ким Јонг-ил, таткото на актуелниот лидер.

Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување дополнителни царини за увозот на француски производи во вредност од околу 2,4 милијарди долари. Ваквиот потег на Вашингтон следува како одговор на зголемувањето на француските царини за американските технолошки гиганти, како што се „Гугл“, „Амазон“ и „Фејсбук“. Американските власти тврдат дека новите француски царини за дигиталните производи, кои во некои случаи достигнуваат до сто отсто, ги дискриминираат компаниите од САД.