Токио – Јапонската влада соопшти дека се согласила да купи ненаселен остров во југозападниот дел на земјата, со намера да го употреби како место за обука и вежби на војската и за слетување воени летала. Островот Магешима е во мнозинска сопственост на компанија за развој во Токио, лоцирана во округот Кагошима, и е со големина од осум квадратни километри. Предвидено е јапонската влада да плати 146 милиони долари, а ќе го отвори патот за преместување на теренот за обука на американските трупи од островот Ивото во Пацификот.

Вашингтон – Американскиот Конгрес ќе гласа по четири точки за отповикување на претседателот Доналд Трамп – две за злоупотребата на власта околу Украина, опструкција на Конгресот и опструкција на правдата во истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за вмешаноста на Русија. Одборот за правосудство при Претставничкиот дом утре ќе го одржи своето прво јавно сослушување на кое треба да учествуваат правните советници за да се установи дали постапките на Трамп оправдуваат импичмент. По Бил Клинтон во 1998 година и Ендрју Џонсон во 1868 година, Трамп може да стане трет претседател во историјата на САД против кого Конгресот би изгласал импичмент.

Валета – Премиерот на Малта Џозеф Мускат порача дека ќе поднесе оставка во јануари, по притисокот на домашната јавност, која ја бара вистината за убиството на новинарката Дафне Галиција. Во телевизиското обраќање, Мускат истакна дека го известил претседателот дека ќе поднесе оставка на функцијата лидер на владејачката Лабуристичка партија на 12 јануари и дека ќе поднесе оставка како премиер во наредните денови. Претходно, членовите на малтешката Лабуристичка партија го поддржаа Мускат.

Москва – Претседателите на Русија и на Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг, официјално пуштија во употреба еден од најдолгите гасоводи во светот, „Моќта на Сибир“, преку кој руски природен гас ќе биде доставен до Кина. „Моќта на Сибир“ е проект на руски „Газпром“ и на кинеската Национална нафтена компанија, а низ гасоводот од 4.000 километри ќе може да се пренесат до 61 милијарда кубни метри гас годишно, вклучувајќи 38 милијарди за извоз во Кина. Договорот е склучен на 30 години, со вкупна вредност од околу 400 милијарди американски долари.