Москва – Патнички авион принудно слетал на аеродромот во Ростов на Дон во Русија, откако се влошила здравствената состојба на копилотот, кој починал во текот на слетувањето на леталото. Авионот полетал од аеродромот „Шереметјево“ во Москва, по што на 49-годишниот копилот му се слошило. Руските власти веднаш отвориле истрага за случајот.

Нагасаки – Папата Франциск ги повика светските лидери да се откажат од нуклеарно оружје, предупредувајќи дека и складирањето нуклеарно оружје ја намалува безбедноста, троши пари и му се заканува на човештвото. За време на неговата посета на Нагасаки, град што беше жртва на атомско бомбардирање во 1945 година, римокатоличкиот поглавар го осуди прекинувањето на договорот за контрола на оружјето. Ватикан беше меѓу првите држави што го потпишаа и ратификуваа Договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружја.

Сукре – Боливискиот Сенат одобри нови претседателски и парламентарни избори, но на нив нема да може да учествува доскорашниот претседател Евo Моралес, кој по оставката замина во политички азил во Мексико. Усвоениот текст, меѓу другото, предвидува и поништување на резултатите од претседателските избори на 20 октомври, на кои Моралес се прогласи за победник. Боливија се соочува со политичка и безбедносна криза по оспорените резултати од изборите во октомври, а на протестите во повеќе градови во земјата досега се убиени повеќе десетици лица.

Бишкек – Рускиот претседател Владимир Путин порача дека православното христијанство и исламот се темелат врз исти вредности и оти се базираат на фундаменталните хуманистички вредности што имаат трајно значење на сочувствителност и љубов кон ближните, правдата и почитта кон човековите битија. Путин учествуваше на конференцијата во Бишкек „Православие и ислам – религии на мирот“, чија цел е да го промовира меѓуетничкиот и меѓурелигискиот дијалог помеѓу Русија и Киргистан.