Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека воената операција во североисточна Сирија ќе продолжи до елиминирањето на терористичката закана од курдските бунтовнички групи и џихадистите на Исламската држава. Во телефонскиот разговор со британскиот премиер Борис Џонсон, Ердоган истакнал дека на тој начин на Сиријците што биле принудени да ги напуштат своите домови ќе им се овозможи на доброволен и безбеден начин да се вратат во своите домови.

Исламабад – Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска ќе отпатува во Иран, а потоа турнејата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија, каде што ќе се обиде да посредува во повеќедеценискиот спор меѓу регионалните ривали. Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Кан да одигра улога во намалувањето на тензиите меѓу двете муслимански земји, кои настанаа по нападот на саудиската нафтена компанија. Пакистанските власти порачаа дека иницијативата на премиерот има цел да се обезбеди мир во регионот, затоа што војна е нешто што не смеат да си го дозволат.

Варшава – Повеќе милиони Полјаци вчера излегоа на парламентарните избори да гласаат за нова влада. Последните анкети пред изборите покажуваат дека се очекува победник да биде владејачката партија Закон и правда, на Јарослав Качински. Полските гласачи треба да изберат 460 пратеници за Долниот дом на Парламентот, како и сто члена на Сенатот.

Токио – Јапонските власти испратија десетици илјади војници и спасувачки единици во обидот за извлекување на граѓаните што останаа заробени по еден од најголемите тајфуни што ја зафатија државата во поновата историја. Спасувачките служби соопштија дека во налетот на тајфунот Хагибис животот го загубиле најмалку 20 лица, а повеќе десетици се водат за исчезнати. Хагибис направи големи штети во централна и источна Јапонија, накратко ја парализира престолнината Токио, а речиси половина милион домови остави без електрична енергија.