Барселона – Независноста на Каталонија ја поддржуваат 41,9 отсто од жителите на таа шпанска покраина, додека, пак, 48,8 проценти се против. Анкетата на каталонскиот центар за истражување на јавното мислење, спроведена пред да бидат осудени каталонските сепаратисти, покажува дека бројот на оние што бараат отцепување од Шпанија опаѓа, бидејќи пред референдумот во 2017 година за самостојност биле 48,7 проценти од анкетираните.

Франкфурт – Два патнички авиона се судрија на аеродромот во Франкфурт, но, за среќа, во инцидентот нема повредени. Авион на авиокомпанијата „Кориан ер“ удрил во авион на авиокомпанијата „Ер Намибија“ по слетувањето на аеродромот. Кај двата авиона има материјална штета, но нема повредени бидејќи авионот на „Ер Намибија“ се движел со мала брзина кога во него удрил јужнокорејскиот авион.

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон порача дека сите кандидати на Конзервативната партија за парламентарните избори на 12 декември се обврзале дека ќе го поддржат неговиот договор за брегзит, што би овозможило да се постигне договор преку парламентот, доколку партијата освои мнозинство. Џонсон истакна дека сите конзервативни кандидати на изборите ветиле дека ќе гласаат за договорот за да ѝ се стави крај на неизвесноста и конечно Британија да ја напушти ЕУ.

Вашингтон – Јужна Кореја и САД се согласија да ги одложат заедничките воздушни вежби заради поддршка на дипломатијата со Северна Кореја. Американскиот министер за одбрана Марк Еспер го повика Пјонгјанг на таа одлука да возврати со добра волја и да се врати на разговорите за денуклеаризација. Вежбите требаше да се одржат кон крајот на ноември, при што Северна Кореја се закани со „шокантна казна“ што САД нема да можат да ја издржат доколку се одржат вежбите.