Москва – Руската царинска служба соопшти дека трговската размена помеѓу Русија и САД во периодот од јануари до септември 2019 година се зголемила за 7,7 отсто во споредба со истиот период од минатата година и изнесувала речиси 20 милијарди долари. Ваквите податоци укажуваат на тоа дека, и покрај нарушените политички односи и антируските санкции, американските бизниси немаат поголеми тешкотии во работењето со руските партнери.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин ја поддржаа идејата за доделување специјален статус на регионот Донбас во Украина. Во телефонскиот разговор, Меркел и Путин го истакнале значењето на целосната примена на Минскиот договор и другите договори за решавање на украинскиот конфликт.

Палермо – Бившиот италијански премиер Силвио Берлускони одби да сведочи на судење на негов долгогодишен соработник, кој е осомничен дека се обидел да биде посредник меѓу мафијата и политичарите. Берлускони пред судот во Палермо рекол дека адвокатите го советувале да не одговара на прашањата. Обвинителството тврди дека сицилијанската мафија Коза ностра се обидела да им се приближи на политичарите во настојувањето да добие помали казни за осудени мафијаши.

Тел Авив – Најмалку 50 ракети биле истрелани од областа Газа кон Израел, откако командантот на милитантната група Исламски џихад, Баха Абу Ал Ата, беше убиен во операција на израелската војска. Сирените за тревога се огласиле во Ришон Лечион, Холон и Сдерот и во околината околу Газа. Израелскиот систем за противвоздушна одбрана успеал да пресретне околу 20 од истреланите ракети.

Пекинг – Најмалку 51 дете се ранети во напад со отровна материја во градинка во југозападна Кина, во градот Каијуан. Кинеската полиција го уапсила 23-годишниот напаѓач еден час по инцидентот. Тој влегол во градинката и почнал да ја распрскува хемикалијата натриум-хидроксид, наводно поради одмазда. Во нападот се ранети и тројца негуватели.