Москва – Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) идентификува 2.000 руски државјани што се роднини на џихадистички борци на Блискиот Исток. ФСБ предупредува дека тие би можеле да се вратат во Русија, каде што би претставувале закана за безбедноста на земјата. Директорот на ФСБ, Александар Бортников, порача дека таквите луѓе се обидуваат да дојдат до Русија откако преку хуманитарните коридори ќе ги напуштат зоните на конфликтите на Блискиот Исток.

Уагадугу – Најмалку 37 лица се убиени, а 60 се ранети во напад на конвој што превезувал работници на канадската рударска компанија „Семафо“ на истокот на Буркина Фасо. „Семафо“ соопшти дека нападот на конвој од пет автобуси со воена придружба се случил на пат што води кон нивниот рудник во источната област Ест. Делови од Буркина Фасо последниве години се погодени од насилството на џихадистите, а „Семафо“ ги засили безбедносните мерки минатата година, по оружените инциденти во близината на два рудника на компанијата во таа земја.

Сан Франциско – Двајца бивши вработени во „Твитер“ и уште едно лице од Саудиска Арабија се соочуваат со обвиненија во САД за шпионирање кориснички сметки и неовластено проследување лични информации до саудиското кралско семејство во замена за пари и други награди. Али Алзабара и Ахмад Абумамо, поранешни вработени во „Твитер“, и Ахмед Алмутаири, кој во тоа време работел за саудиското кралско семејство, се обвинети за нарушување на личните информации на корисниците, како што се приватни телефонски броеви и адреси.

Виена – Бившиот пратеник на Народната партија на Австрија (ОВП) во Европскиот парламент, Рихард Зебер, се соочува со затворска казна во траење од десет години. Зебер е осомничен дека сторил кривично дело тешка измама за време на својот пратенички мандат во Брисел. Вкупниот износ на малверзацијата изнесува 409.956 евра, што е над 300.000 евра, поради што му се заканува казна до десет години затвор, доколку на крајот од судењето, кое треба да почне наредната година, биде и осуден.