Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден и членовите на неговиот тим за национална безбедност ќе се сретнат со деловни директори во врска со сајбер-безбедноста. Состанокот доаѓа во момент кога Белата куќа се обидува да им помогне на компаниите да се заштитат од напади со откуп од криминални групи и додека администрацијата, исто така, се соочува со агресивна сајбер-закана од кинеската влада. Средбата ќе се фокусира, како што е најавено, врз заедничката соработка за колективно подобрување на сајбер-безбедноста на нацијата.

Ханој – Потпретседателката на САД, Камала Харис, во Ханој изјави дека САД ќе му обезбедат на Виетнам уште еден милион дози од вакцината против коронавирусот. Харис, која се сретна со премиерот Фам Мин Чин, вчера рече дека испораката на вакцините ќе почне во наредните 24 часа. САД со таа испорака ќе му дадат на Виетнам вкупно шест милиони дози од вакцината. Помошта е дел од низата најави за новото партнерство и поддршката на САД во Виетнам. Камала Харис е прв американски потпретседател во посета на Виетнам, а најави и отворање регионална канцеларија на американскиот центар за контрола и превенција на болести во Југоисточна Азија.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел ќе се обрати пред парламентот, кој треба да одлучи дали да испрати германски војници во Кабул за да се обезбеди евакуација од Авганистан. Меркел во саботата призна дека отпорот на авганистанската армија против талибанските милитанти бил погрешно проценет. Според неа, сега фокусот е насочен кон спасување луѓе од Авганистан, а подоцна ќе треба да се разговара за она што било постигнато или не.

Кабул – Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Брнс, имал тајна средба со талибанците додека американскиот претседател Џо Бајден се соочуваше со голем притисок од западните лидери за продолжување на рокот за евакуација од Авганистан по 31 август, пренесуваат светските медиуми. Тајната средба со талибанскиот коосновач, мула Абдул Гани Барадар, била одржана неделава во Кабул. ЦИА одби да даде коментар за првата средба на највисоко ниво помеѓу администрацијата на Бајден и милитантната група.