Берлин – Германија и Обединетите нации во Берлин ќе бидат домаќини на конференцијата, која треба да претставува обид да се запрат борбите во Либија и да се поддржи стабилна влада. На конференцијата ќе учествува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пристигна во Берлин. Специјалниот пратеник на САД за Либија, Ричард Норланд, рече дека разговорите ќе ги поттикнат напорите да се одржат избори во Либија во декември, истовремено воспоставувајќи уставна и правна основа за гласање.

Брисел – ЕУ соопшти дека седум европски држави што не се во ЕУ се согласиле да одбијат дозвола за кој било авион управуван од белоруски авиопревозник да слета, полета или прелета на нивните територии, по присилното пренасочување на патничкиот лет од Минск минатиот месец, што овозможи апсење новинар неистомисленик на Александар Лукашенко. Жозеп Борел изјави дека четири земји-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан заедно со Исланд, Лихтенштајн и Норвешка ќе се „усогласат“ со одлуката на Брисел да ги зајакнат постојните ограничувачки мерки против Белорусија.

Њујорк – Без вакцина против ковид-19 ќе останат многу од лицата без државјанство во светот, поради немањето основен доказ за својот идентитет, предупредува Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР. Според шефицата за Меѓународна заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс, постојат милиони лица во светот за кои се знае дека се без државјанство.

Вашингтон – Американското министерство за правда соопшти дека се обвинети пет лица, меѓу кои и руски државјани, за нелегално извезување воени производи во Русија, со што е прекршен законот за контрола на извозот на оружје. Обвинетите, четири години извезувале стотици воени производи што се користат за ноќно набљудување во вредност од пет до 10 илјади долари по производ. Меѓу приведените се двајца Руси, двајца Американци и еден Израелец што престојувал во Калифорнија.