Брисел – Лидерите на НАТО го одржуваат својот прв самит со американскиот претседател Џо Бајден со цел да ги поправат трансатлантските врски, откако неговиот претходник Доналд Трамп изјави дека западниот воен сојуз е „застарен“. Бајден се очекува повторно да ја истакне американската посветеност за колективна одбрана на 30-те сојузници во НАТО, откако Трамп ја доведе во прашање нејзината важност и предложи во 2018 година Вашингтон да го повлече своето членство.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон го пофали враќањето на Соединетите Американски Држави на светската сцена, особено силната поддршка на американскиот претседател Џо Бајден кон Европската Унија. На крајот на тридневниот самит на Групата седум најразвиени земји во светот (Г7), Макрон рече дека со Бајден е пронајдена „вистинска заедничка визија и, пред сè, начин за соработка“. Макрон и Бајден се сретнаа првпат на самитот и тие се однесуваа како да се стари пријатели.

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон се очекува да објави дека крајот на ограничувањата на ковид-19 ќе биде одложен поради загриженост за ширење на таканаречената делта-варијанта на коронавирусот. Британија постепено ги укинува ограничувањата за пандемијата, според патоказот што предвидува сите социјални ограничувања да бидат укинати „не порано“ од 21 јуни. Но како и во некои други делови на светот, варијантата делта што силно ја погоди Индија се шири во Британија и покрај тоа што има една од највисоките стапки на вакцинација во светот.

Тел Авив – Во Израел се очекува официјалното примопредавање на власта во кабинетот на премиерот, со што се става крај на владеењето на Бенјамин Нетанјаху, кој 12 години беше премиер. Израелскиот Кнесет вчера ѝ даде поддршка на новата таканаречена влада на промени, со која се стави крај на долгото владеење на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Новата владејачка коалиција даде заклетва и со тоа отвори нова страница во историјата на Израел.