Австрија – Полицијата во Виена завчера уапси 14 учесници во протестите против мерките за ограничување со кои властите се обидуваат да ја спречат пандемијата на коронавирусот. На собирот биле присутни околу 3.000 луѓе. Полицијата соопшти дека употребила „бибер-спреј“, за да ги спречи луѓето што биле против протестот, а кои се обиделе да ги пробијат оградите за да се судрат со демонстрантите. Подрачјето на австрискиот главен град и други покраини во источниот дел на земјата се затворени овој месец поради зголемениот број заразени лица со коронавирусот.

Турција – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски ги нарече случувањата во источниот украински регион Донбас загрижувачки. Состанокот, кој се одржа во Истанбул и траеше повеќе од три часа, е дел од претходно договорена посета, но се случи истовремено со тензиите меѓу Киев и Москва за долготрајниот конфликт во источна Украина.

Кина – Спасувачки екипи се обидуваат да извлечат 21 рудар што се блокирани во рудник за јаглен во регионот Ксинџијанг во северозападниот дел на Кина, откако поплава ја прекина електричната енергија под земја и ја наруши комуникацијата, објавија државните медиуми. Според првичните информации, осум од 29-те рудари што се наоѓале на местото на инцидентот биле спасени.

Мјанмар – Најмалку 80 цивили загинаа за време на оружената интервенција на армијата на Мјанмар на протестите во градот Баго против воениот преврат и апсењето на избраните членови на Владата. Очевидци тврдат дека војниците отвориле оган од тешко оружје врз демонстрантите и фрлале рачни гранати. Најмалку 80 лица се убиени во нападот. Армијата на Мјанмар изврши воен удар на 1 февруари годинава и ја презеде власта во земјата под изговор дека изборите во ноември биле нерегуларни.

Кина – Официјалните кинески власти за контрола на заразни болести соопштија дека е ниска ефикасноста на кинеските вакцини против ковид-19 и дека Владата размислува да ги меша за да ја зајакне заштитата, објави агенцијата Асошиејтед прес.
– Кинеските вакцини немаат многу висока стапка на заштита – рече на прес-конференција директорот на Кинескиот центар за заразни болести, Гао Фу.